Работнички и петта година по ред не може да ја “помириса“ Европа!

948

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Секоја чест за историјата, но од минатото не се живее, посебно кога станува збор за фудбалот. Во овој случај за Работнички. Имено клубот од Дебар Маало веќе петта сезона или година во низа, не може да ја „помириса“ Европа, камо ли да има долго топло европско лето, како некогаш во убавите времиња.

Последен пат тимот на Работнички играше во Европа во далечната 2018 година, кога беше елиминиран од Хонвенд, уште во 1.квалификациско коло во ЛЕ.

И од тогаш наваму европска суша.

Најблиску беше во 2019 година кога буквално во последните секунди и тоа на Арената, на свој терен, ја загуби Европа од Шкупи и тоа со два гола во судиското продолжение.

И од тогаш па наваму Работнички не е ни блиску до пласман во Европа, за титула да не говориме или финале во Купот.

И покрај овие поразителни факти, сепак треба да се каже дека Работнички и натаму е рекордер меѓу нашите клубови со најмногу европски победи – 21 од 58 евро натпревари. Работнички некогаш беше наша гордост, во 2006 година беше блиску до пласман во групната фаза во ЛШ, беше елиминиран од Лил. Во 2011 година играше во плеј – офот во ЛЕ против Лацио. Потоа во 2015 година летото исто така играше во плеј – офот во ЛЕ против Рубин Казан.

Работнички во 2011 летото имаше пет победи во серија во Европа и за месеците јули и август, беше на првото место на ранг листата на ИФФХС.

Работнички често ја радуваше Македонија со силните успеси во Европа, ја правеше горда како по оној двомеч со Анортозис. Како кога го елиминираше и еден Трабзонспор.

Од Работнички излезе и Дијамантот, Елиф Елмас, кој сега е светска ѕвезда.

И толку. Во последните 4-5 години Работнички е далеку, далеку од европската мапа.

Зошто е тоа така? Тоа го знаат само луѓето во клубот.

Но се чини дека сега конечно е време за “будење“.

Работнички како некогашен наш гигант заслужува конечно да се разбуди од сонот кој трае ли трае…

Едноставно не личи Работнички да се задоволува со пласман на 7. или 8.место во ПМФЛ и да биде среќен што изборил без проблем опстанок.

Не му личи…тоа на Работнички, на клубот од кој потекнуваат половина сегашни А-репрезентативци.

Силен, моќен Работнички и треба на оваа фудбалска Македонија, и тоа како.

ПретходноЕкс тренерот на Челзи седнува на клупата на Ница!
СледноЃорческа го заврши настапот во Словенија во двојки!