Во конкуренција на Австрија, Естонија и Летонија, женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија вечерва од Скопје го почнува настапот во Европската Сребрена лига 2023. По пауза од 15-тина години, конечно, нашиот женски сениорски тим повторно ќе го почувствува духот на европската конкуренција и тоа веднаш со учество на едно силно натпреварување какво што е Европската Сребрена лига.
Предводени од селекторот Стефан Пауновиќ, нашите млади одбојкарки вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ (20:15 ч.) ќе го одиграат премиерниот меч на европска сцена и треба да покажат дека полека ќе го заслужат своето место на големата сцена. Иако сме млад состав практично без искуство на европската одбојкарска мапа, сепак, со поддршка од трибините ќе се обидеме достојно да и се спротивставиме на Австрија, која во моментов фигурира како 24. европска сила во женската одбојка.
Влезот во СЦ „Борис Трајковски“ вечерва ќе биде слободен, што е шанса плус за сите што ја сакаат женската одбојка, да дојдат и да ги поздрават нашите одбојкарки, кои и следните два меча со Естонија и Летонија ќе ги одиграат на домашен терен.
🇲🇰 МАКЕДОНИЈА:
ТЕХНИЧАРИ: Ерјона Јонузи, Софија Ричлиева; КОРЕКТОРИ: Антонија Баталаковска, Мила Дикова, ПРИМАЧИ: Теа Терзиевска, Тамара Стојанова, Лилја Ковачевиќ, Добрина Хаџи-Тосева; СРЕДНИ БЛОКЕРИ: Ана Павлоска, Марија Лазарова, Симона Стојановска, Мартина Николова; ЛИБЕРО: Емилија Попјордановска, Надица Антеска.
🇦🇹 АВСТРИЈА:
ТЕХНИЧАРИ: Ана Марија Бајде, Никол Холцингер; КОРЕКТОРИ: Анамарија Галиќ, Кора Шаберл; ПРИМАЧИ: Лина Хитерегер, Ема Хохенауер, Мари-Кристин Брукнер; СРЕДНИ БЛОКЕРИ: Аида Мехиќ, Нина Несимовиќ, Лорена Брандхофер, Лариса Мициќ; ЛИБЕРО: Ана Берхаусер.
ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА (Ж)
ГРУПА „А“ – 1 КОЛО (ДЕНЕСКА)
17:00 Естонија – Летонија
20:15 Македонија – Австрија ( МРТ3; Арена Спорт 5)