Пораз на стартот: Одбојкарите немаа сили за изненадување против Украина

206

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија со максимален пораз од 3:0 (25:21, 25:22, 25:11) го започна настапот во новото издание на Европската Златна лига 2023. На гостувањето во Лоѓ, Полска, избраниците на селекторот Јошко Миленкоски загубија од Украина, која беше апсолутен фаворит на натпреварот и тоа го потврди во трите сета. Македонија добро парираше во првите два сета, додека во третиот потфрливме.

Украина подобро го отвори мечот и направи разлика од 2 до 3 поени, која ние успеавме да ја стигнеме со серија од 3:0 за 11:11. Сепак, Украинците брзо ја вратија контролата и во наредните неколку поени со одличен сервис успеаја да ја вратат предноста (15:12). Ние во неколку наврати се приближивме, но Украинците не дозволуваа да ја стопиме разликата. Ја одржуваа предноста од три поени и влегоа во прва сет-топка на 24:20. Откако успеавме да искористиме напад за 24:21, веќе во следниот Семењук со смеч им донесе водство од 1:0 во сетови на домашните.

Во ист стил почна и вториот сет. Украина на стартот имаше предност од еден до два поени, а ние постијано се обидувавме да ги стигнеме. По една долга серија со водство на Украина до прво израмнување дојдовме кон средината на сетот со 14:14. Во неколку наврати ги изненадувме Украинците со добар сервис, а имавме и неколку блока кои не вратија во игра. Поен за поен игравме се до самата завршница на сетот, но никако не успеавме да поведеме. Во самата завршница Украина повторно се одлепи на недостижни плус три (24:21), ние повторно ја одбранивме првата сет-топка, но на сервис на Маџунков ја погодивме мрежата и Украина веќе имаше предност од 2:0 во сетови.

Третиот сет го отворивме лошо и дозволивме Украина да поведе со 3:0. Тешко успевавме да им парираме на домашните, кои продолжија со добрата серија и за кратко време обезбедија предност од 8:2. Потоа веќе се тргна низ брдо. Разликата се зголемуваше и Украина брзо го реши сетот и мечот во своја полза.

Во среда во Скопје во рамките на 2. коло ја пречекуваме селекцијата на Белгија, која денеска тргна со победа во 1. коло против Хрватска од 3:1 во сетови.

🏐  ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА 2023

ГРУПА „Б“ – 1 КОЛО (ДЕНЕСКА):

Белгија – Хрватска 3:1 (25:17, 25:21, 23:25, 25:23)

Украина – Македонија 3:0 (25:21, 25:22, 25:11)

ПретходноКлоп: Кој сака да си оди, „палам“ автомобил и лично ќе го однесам во другиот клуб
СледноМладите момци на Алкалоид не се шега, го „треснаа“ Вардар и обезбедија директно место во Европската лига (ФОТО)