После цели 18 години во Битола ќе се слави титулата. Пелистер оваа сезона не ја пропушти шансата за еден од двата пехари. Битолчани веќе со денови за подготвуваат за денешниот ден, во салата „Боро Чурлевски“ навивачите ќе бидат облечени во посебни шампионски маичка, а целата прослава ќе биде на плоштадот Магнолија.
Патот на Пелистер до тронот му го отвори Алкалоид. Овој тим беше во загубена ситуација, додека разочарувањето беше големо, од Автокоманда дојде резултат кој ги врати битолчани во живот, а кога веќе добија нова шанса, истата не ја пропуштија, максимално го искористија домашниот терен и го добија директниот конкурент, Вардар 1961.
Титулата не само што се врати во Битола, туку и во овој град ќе се игра на Лига на шампиони, секако доколку салата „Боро Чурлевски“ се „нашминка“ според окото на ЕХФ.
Противник на Пелистер во последното коло од плеј-офот е Тиквеш, мечот е закажан во 18 часот.
Еден час подоцна во СЦ „Јане Сандански“, Вардар ќе го пречека Алкалоид во последниот дуел од ракометниот шампионат оваа сезона во плеј-офот. Оваа средба ќе биде последна за Филип Талески, кој се сели во Бенфика, исто и за Дејан Манасков, кој засега не е познато каде ќе продолжи, како и за Бразилецот, Леонардо Дутра, се сели во Саудиска Арабија.
Покрај овие средби ќе се доиграат и мечевите во плеј-аут лигата, а таму Струга го пречекува Јуниор К.В (14 часот), Вардар Неготино е домаќин на Куманово во истиот термин и Скопје игра против Радовиш (17:30 часот).