Пелистер после 18 години ја освои шампиоснката титула. Битолскиот тим со победа ја заврши сезоната од соништата, покрај пехарот овој град го слави и пласманот во Лигата на шампиони.
Пред полни трибини со посебен декор во име на седмата титулата, го совлада Тиквеш со 35:26 (16:17). Покрај навивачите, пред мечот почит покажаа и гостите, направија шпалир за новиот првак.
Во „Боро Чурлевски“ се поздрави и последната генерација со која пелистерци освоија титула, од сезоната 2004/05 во која играа имиња како Јовиќ, Манасков, Димовски, Маљцев, браќата Мојсовски, Поповски…
Мечот против Тиквеш беше потврда за одличната сезона и награда за фановите кои долго време сонуваа за овој ден, заедно да се прослави титулата и да се испрати порака – ракометот во Битола се враќа на големо.
Најдобар стрелец кај домашните беше Ненад Костески со седум гола, а Петар Атанасијевиќ даде шест гола. Кај Тиквеш, Лазар Петровиќ постигна шест гола.