Конечно, стартува финалето: МЗТ Скопје во „лов“ на „десетката“, Пелистер сонува за историја!

114

По пауза од десет дена, конечно стартува финалето на плеј-офот во кошаркарскиот шампионат. Како на момент да заборавивме дека на програмата е битката за титулата, имаше предолга пауза по завршување на полуфиналните пресметки, но традиционално во овој спорт, сезоната завршува последна.

Во репризата од минатогодишното финале ќе се сретнат бранителот на тронот, МЗТ Скопје и Пелистер. Првата пресметка е закажана за денеска во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“, а ќе се игра според системот прв до три победи. За разлика од лани има мала измена, првите два натпревари ќе се играат во Скопје, додека следните два во Битола, евентуалната „мајсторка“ одново ќе биде во главниот град.

МЗТ Скопје кој е фаворит во оваа пресметка, „брка“ јубилеј, десетта титула, на другата страна битолчани сонуваат за историја.

Младиот стратег, Васил Атанасов, ќе има шанса да дојде до првата титула, како прв тренер на тимот од Аеродром.

„Секогаш е чест да се игра во финалето, кое треба да биде кулминација на сѐ што е направено досега сезонава. Пред нас е серија против добро познат противник, со кого игравме многу неизвесни средби изминативе години и кого никако нема да го потцениме.

Играме добро, но мал проблем ни е преголемата пауза по завршувањето на полуфиналето со Работнички, што секако нема да биде причина да не одиграме најдобро што знаеме.

Домашниот терен носи значајна предност, а улогата бранител на титулата е обврска да се даде сѐ од себе. Очекувам голема поддршка од трибините и победнички старт на финалната серија, со што ќе го најавиме освојувањето на јубилејната десетта титула“, вели Атанасов пред почетокот на финалето.

Димитар Караџовски пак потенцира дека паузата од десет дена дошла на време, за битолчани кои одбија да играат порано, била вистинско освежување.

„Имавме десетина дена за подготовки, а она што мене ме радува е што по не знам колку време за прв пат сме комплетни, и мислам дека оваа пауза добро ни дојде, малку да работиме, и да се подготвиме уште повеќе за она што следува во финалето. 

На некој начин може да се споредува ситуацијата, макар што оваа сезона системот за натпреварување е малку чуден. Односно за првпат се игра вака кај нас. Првите два натпревари да се играат таму. Но ајде малку да бидам и реалистичен но и оптимистичен Со една победа таму, мислам дека ќе бидам задоволен, не само јас, туку и цела екипа, целиот град. Со една победа таму, автоматски закажуваме два натпревари во Битола, што е особено значајно и важно за сите нас. Јас би целел кон тоа, со една победа да се вратиме во Битола“.

ПретходноСе огласи Денвер: Се уште чекаме…
СледноТри бараж дуели за пет места во ВМФЛ!