Миленкоски: Украина беше пресилна, но ме радува посветеноста ќе биде подобро

418

Сениорската одбојкарска репрезентација со пораз од 3:0 против Украина го почна годинешниот настап во Европската Златна лига. На гостувањето во Лоѓ, Украинците кои важат за една од ТОП 8 светските одбојкарски селекции беше пресилна за составот предводен од новиот селектор Јошко Миленкоски, за кој, патем, ова беше и прв официјален меч под негово водство.

Репрезентацијата од денеска е во Скопје и продолжува со тренинзи затоа што веќе в среда во СЦ „Борис Трајковски“ следува мечот од 2. коло против силната Белгија.

„Да бидеме реални, Украина е исклучително квалитетна репрезентација од самиот светски крем. Одигравме два добри сета, во вториот дури и имавме шанса во финишот да дојдеме во ситуација да нападнеме и да го освоиме сетот. Не успеавме, а тоа се должи пред се на тоа што голем дел од нашите репрезентативци се со ограничени настапи или играат во домашното првенство. Ме радува фактот што добро работиме на тренинзите и тоа ми дава за право да верувам дека до Европското првенство кое е наша примарна цел ќе ја кренеме формата на максимално ниво“, вели Миленкоски.

Статистички против Украина не одигравме лошо. Бројките велат дека Украина беше подобра во скоро сите сегменти, но не беше тотално доминантна. Односот на блокови на мрежата беше 7:4, бројот на асови 6:3, додека грешките кои доведоа до поени на противникот беа 41:47.

Белгија која е следен противник во групата, во 1. коло на домашен терен со 3:1 ја совлада Хрватска. Белгијанците имаат подмладен состав со италијански селектор кој непосредно пред почетокот на Златната лига го продолжи договорот со тамошната федерација на дополнителни 5 години. Нашите одбојкари ќе се обидат в среда да ја искористат шансата и на домашен терен да нападнат на прва победа.

ПретходноБаерн му даде отказ, но тој не планира да си замине: Ќе разговараме кога сето ова ќе се смири
СледноСамо како утеха: Белингем е играч на сезоната во Бундеслигата