Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини по завршувањето на натпреварувачката сезона 2022/2023 упати честитки за ФК Струга Трим Љум по повод освојувањето на титулата во 1 МФЛ и ФК Македонија Ѓ.П. за освојување на Куп натпреварувањето.
По освојувањето на титулата во 2. МФЛ и промоцијата на ФК Воска Спорт, ФК Гостивар и ФК Вардар во нови прволигаши, првиот човек на македонскиот фудбал упати зборови со честитка за тимовите кои од наредната сезона ќе бидат дел од најдобрата фудбалска конкуренција.
Истовремено, Фудбалската федерација на Македонија упатува благодарност до Министерството за внатрешни работи за одличната соработка на сите натпревари кои ги организиравме во изминатиот период и благодарност до луѓето кои ги раководат и одржуваат стадионите на кои се одиграа голем број натпревари во последниот месец.
„Ве молам примете ги моите најтопли честитки за остварените резултати сезонава во македонската фудбалска лига. Изразувам најсрдечни желби до сите фудбалери, тренери, техничките и медицинските лица, како и до сите навивачи, бидејќи секој дел од организацијата несомнено е инструмент во победата на својот клуб.
Сите честитки до Струга за историската, прва шампионска титула. Клубот со години растеше на теренот и пошироко, а сега го достигна самиот врв. Струга Трим Лум го потврди квалитетот годинава во нашиот фудбал, а тоа е резултат на добрата работа на стручниот штаб, добрата селекција на фудбалери и квалитетното раководство.
Македонија Ѓ.П. воодушеви многумина со постигнатите резултати сезонава и освојувањето на Купот во нашата држава. Верувам дека во континуитет ќе работат и функционираат стабилно, цврсто и плански. Убеден сум дека и во иднина неуморно ќе работат на создавање нови таленти, нешто што претставува визија на клубот и не се сомневам дека од тоа голема корист ќе има и македонската репрезентација.
Важно е да им дадеме поддршка на нашите клубови и во нивните настапи во европските купови. Имаат право да сонуваат дека можат да стигнат далеку и во натпреварувањата на УЕФА. Им посакуваме многу среќа и со еднаков жар како и досега да го претставуваат својот дрес и македонскиот фудбал во Европа. На сите македонски претставници во европските купови, Струга Трим Лум, Македонија Ѓ.П., Шкендија и Шкупи им посакувам добар ждреб, многу среќа и успех во следните натпревари.
Би сакал да упатам честитка до новите прволигаши, ФК Воска Спорт, ФК Гостивар и ФК Вардар. Се надевам дека успехот ќе го продолжат и во натпреварите од најдобрата конкуренција следната сезона. Честитки за Вардар Неготино, Башкими, Тетекс, Новаци и Осогово за обезбеденото учество во Втора МФЛ.
На крајот, би сакал да им се заблагодарам на сите лице во администрацијата на ФФМ кои беа дел од организацијата на натпреварите и активностите кои ги реализиравме во изминатиот период“. – рече меѓудругото претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија.