Новак Ѓоковиќ по два и пол часа игра беше подобар од 114. тенисер во светот, Американецот со српско потекло Александар Ковачевиќ со резултат 6:3, 6:2, 7:6 за пласман во второто коло на Ролан Гарос.
По победата, третиот носител на турнирот на камерата испиша порака: „Косово е срцето на Србија! Стоп за насилството“ и со тоа предизвика бројни коментари.
Djokovic wrote “Kosovo is the heart of Serbia! Stop violence” on the camera after his win today at #RG23 as tensions flare up anew in the region.
https://t.co/4gLSXg5wbo pic.twitter.com/A6ciqPX2WI
— Ben Rothenberg (@BenRothenberg) May 29, 2023
„Јас не сум политичар и немам намера да навлегувам во политички дебати. Тоа е чувствителна тема и секако многу ме боли ова што се случува на Косово. Нашите луѓе се избркани од општините. Најмалку што можев да направам е ова. Се чувствувам одговорен како јавна личност. Како син на човек кој е роден во Косово, чувствувам дополнителна одговорност да покажам поддршка за народот и Србија. Многумина не знаат што носи иднината за Косово и српскиот народ, и многу е важно да се покаже хармонија и поддршка во вакви ситуации. Не знам што ќе се случи и не знам дали ќе бидам казнет“, рече Ѓоковиќ и додаде дека секогаш бил против војни и насилство.
По ова се огласи и тениската федерација на Косово, најави дека ќе бара казна за Ѓоковиќ.
„Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ продолжи со своето националистичко и шовинистичко однесување провоцирајќи ја државата Косово. Таквото однесување не може да се оправда и ќе бараме од Ролан Гарос и АТП да го казнат“.
Сепак, се чини дека Ѓоковиќ ќе избегне казна бидејќи организаторите на Ролан Гарос разговараа за Ројтерс и рекоа дека не постои правило кое им кажува на играчите што можат или не можат да кажат.
„Никаде во официјалните правила на гранд-слемите не пишува што може, а што не може да каже играч. ФФТ нема да преземе никакви мерки“.