Двојна одбојкарска програма во СЦ „Борис Трајковски“ и една заедничка желба!

154

Македонските одбојкарски репрезентации денеска во двојна програма во СЦ „Борис Трајковски“ ќе ги продолжат своите настапи во европска конкуренција.

Први на теренот ќе истрчаат одбојкарките, ја пречекуваат селекцијата на Летонија (17:30 часот), станува збор за противник со кого „црвено-жолтите“ до сега немаат одиграно ниту еден меч поради нашата долга пауза на апстиненција од настапот на овие натпреварувања. Претходно дамите, исто играа на домашен терен, беа поразени од Австрија со убедливи 0-3.

„Мотивирани сме, посакуваме да ја имаме поддршката и веруваме дека ќе успееме да ги поправиме грешките од првиот натпревар. Играме против силни репрезентации во оваа група во сребрената лига и ова е одлична можност за да видиме до каде сме, но и секако да се бориме за подобрување на резултатите на македонската женска репрезентација. Реалноста е дека имаше долго отсуство на оваа репрезентација и се надеваме дека ќе оствариме успеси во иднина“, изјави капитенот на женската репрезентација на Македонија, Ема Попјордановска.

Најдобриот машки национален тим по поразот од Украина на стартот на „Златната лига“, вечерва (20:15 часот) ќе ги одмери силите против Белгија, уште еден фаворит од групата Б.

Капитенот Никола Ѓорѓиев верува дека ќе одиграат многу подобро од првиот дуел и против фаворитот ќе ја израдуваат македонската јавност и сите фанови кои ќе дојдат во сала.

„Ние оваа година вртиме една нова страница, со нов селектор и стручен штаб и е вистински задовоство за нас играчите да работиме со врвен стручњак како Јошко Миленсковски. Жал ми е што против Украина не успеавме да направиме подобар резултат иако игравме два добри сета, но сега е време за Белгија и се надевам дека ќе одиграме подобро и дека ќе победиме. Мислам дека играат одлично блок и одбрана, но сепак се потенки на центарските позиции, се надевам дека ќе успееме да ја израдуваме македонската јавност со победа против Белгија“ изјави Никола Ѓорѓиев, капитен на нашата репрезентација.

ПретходноФранцуската минстерка за спорт со опомена за Ѓоковиќ: Никогаш да не се повтори!
СледноКанатларовски го објави списокот за Ерменија и Малта: Се враќаат Златков и Абази, повик за Трајков!