Одбојкарките загубија од Летонија, но беа на чекор до освојување прв европски сет

121

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз во Европската Сребрена лига, откако вечерва во Скопје загуби од Летонија со 0:3 (23:25, 18:25, 18:25). Видовме меч во кој одигравме еден одличен сет, и два следни во кои лесно ја „продадовме кожата“. Летонките со значително поголемо искуство од нашите девојки ја остварија првата победа во групата, а ние покажавме дека во оваа селекција на селекторот Пауновиќ има потенцијал кој со добра работа ќе излезе на виделина во многу скоро време.

Дуелот во првиот сет понуди извонредна одбојка. Нашите девојки почнаа мотивирано и со голема желба за докажување. Практично од првиот поен покажаа дека немаат намера да се предадат, туку напротив да ја искористат секоја шанса за добар резултат.Летонките имаа континуирана предност од неколку поени, која избраничките на Пауновиќ успешно знаеја да ја анулираат и да се одржуваат блиску до водството на гостинките. Во завршницата на сетот Летонија направи серија од 4:0 и дојде до 18:23 кои најавија дека се близу до освојување на сетот. Но со враќањето во игра на Јонузи и расположената Ковачевиќ, Македонија се врати со три поени во низа за 21:23 и драма во завршницата. Летонките дојдоа до 21:24, но ние одбранивме две сет-топки, пред гостинките по голема битка и еден долг поен да дојдат до конечни 23:25 за водство од 0:1.

Вториот сет го почнавме со негатива од 0:2, но следуваше одлично продолжение и наше највисоко водство од 6:3. Сепак, Летонија успеа да се соземе и да се врати со една долга серија поени за водство од 6:9.  Летонките успеваа умешно да го менаџираат водството и во продолжението на сетот, а им помогнавме и ние со многу грешки на сервис. До крајот на сетот практично и не успеавме во ниту еден момент посериозно да се приближиме до водството на Летонија, која со 18:25 стигна и до 0:2 во сетови.

Решени брзо да ја завршат работата, гостинките отворија моќно и во третиот сет. Поведоа со 1:5 и не ставија повторно во ситуација да бркаме резултат. Супериорноста на гостинките дојде до израз и во продолжението, за разлика од нашата селекција која падна во концентрацијата. Малку се поправивме во завршницата и го приведовме сетот до прифатлива негатива – 18:25.

Следниот меч за нашите девојки е веќе во сабота од 17:30 во истата оваа сала, кога на гости ни доаѓа селекцијата на Естонија која со две победи е лидер на табелата во групата.

ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА (Ж)

ГРУПА „А“

Македонија – Летонија 0:3 (23-25, 18-25, 18-25)

Естонија – Австрија 3:0 (25-15, 25-8, 25-23)

ПретходноБрендфорд го доведе голманот на Фрајбург
СледноМиовски за Спортмедиа: Како изгледаше пројдов супер…на 10 јули почнувам со тренинзи во Абердин