Бостон Селтикс објави дека Џо Мазула (34) и следната сезона ќе биде прв тренер на тимот. Младиот Мазула ги презеде Селтикс непосредно пред почетокот на оваа сезона, откако Имеу Удока беше отпуштен поради прекршување на клупските правила. Мазула ги предводеше минатогодишните финалисти до рекорд од 57 победи и 25 порази во регуларниот дел од сезоната, но не успеа да избори финале.
Во плеј-офот, Бостон стигна до финалето на Истокот, каде по негативата од 0-3 во победи против Мајами Хит, стигна до 3-3 и во решавачкиот седми натпревар на домашен терен, не успеа да направи историски пресврт.
„Тој е голем лидер и со искуството што го стекна оваа сезона може само да се подобри, секогаш се труди нешто да научи“, изјави претседателот на Селтикс, Бред Стивенс.
Сепак, Мазула ќе мора да најде нови асистенти, бидејќи тројцата помошници Бен Саливан, Арон Мајлс и Мајк Моз решија да се преселат во Хјустон, каде што ќе му бидат помошници на екс-шефот Удока.