Љафтов: Победата над Белгија е историска, против Хрватска ќе играме уште подобро

502

Откако вчера ја совладавме Белгија во Скопје, нашите одбојкарски репрезентативци веќе гледаат кон новиот предизвик – Хрватска. Мечот од 3. коло во нашата група во Европската Златна лига доаѓа веќе в сабота во СЦ „Борис Трајковски“, а избраниците на селекторот Јошко Миленкоски ќе се обидат да ја остварат и втората победа.

„Белгија за оние кои не следат одбојка, можеби изгледаше дека не се врвна репрезентација, но тоа не е така. Воопшто не беше лесно. Ја израдувавме македонската јавност со историска победа во Златната лига и покажавме дека можевме да победуваме. Сега треба малку да се смириме. Не чека в сабота еден тежок меч со Хрватска. Никој не е случајно во оваа Златна лига и навистина очекувам на овој дуел в сабота да одиграме уште подобро од дуелот со Белгија“, смета нашиот примач, Александар Љафтов, кој по пауза од една година повторно е во дресот на нашата репрезентација.

Мечот со Хрватите е уште една голема шанса за подготовка на овој искусен тим, кој се обидува низ овие средби да ја темпира формата за Европското првенство во Скопје кое не чека на крајот на летото. Хрватите во првите две кола претрпеа два порази на гостувањата со Белгија и Украина, а по ова трето гостување во Скопје ќе имаат три последователни меча на домашен терен. Инаку Хрватска како организатор на Ф4 турнирот во Златната лига, без разлика на пласманот во нашата група ќе биде еден од четирите финалисти.

ПретходноОлмо потпиша нов договор со РБ Лајпциг и го „извиси“ Баерн (М)
СледноПолскиот судија Марчиниак ќе остане без финалето во ЛШ?