Денеска селекторот Благоја Милевски го објави списокот на играчи на кои ќе смета за дуелите со Украина и Англија во рамките на јунскиот квалификациски циклус за ЕВРО 2024.
Тој за голманската позиција повика четворица, Димитриевски, Шишковски, Илиев и Алексовски.
На новинарско прашање зошто Игор Алексовски од Работнички добил повик а не добил Ведран Ќосевски, голманот кој беше еден од клучните играчи на Струга ТЛ, тим кој што изминатава сезона стана шампион на Македонија, чуварот на мрежата кој според бројките убедливо е најдобриот голман во ПМФЛ, Милевски имаше свој коментар.
„Без оглед на резултатите во изминатата сезона, за мене Игор Алексовски е подобар голман од Ведран Ќосевски, и затоа тој доби повик. Јас знам што ми е потребно во репрезентацијата“ посочи Милевски.
Инаку кога сме кај бројките, Работнички, тимот каде што брани Алексовски во изминатата сезона во ПМФЛ после Победа прими најмногу голови во Лигата. Додека шампионот Струга ТЛ, каде што брани Ќосевски, имаше убедливо најмалку примено голови.
Кога сме кај повиканите играчи, Милевски од домашниот шампионат на списокот има играчи од Шкендија (Дориев, Бејтулаи), Шкупи (Брдаревски), А. Пандев (Димоски) и Работнички (Алексовски), но не и од новиот шампион, Струга ТЛ.