Актуелниот двоен светски шампион и лидер во тековната сезона во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен имаше најдобри времиња на двата тренинга одржани денеска на „Circuit de Catalunya“, во близина на Барселона, пред саботните квалификации и неделната трка за ГН на Шпанија.
Верстапен беше убедливо најбрз на првиот тренинг, кога за најбрзиот круг му беа потребни една минута и 14.606 секунди. Неговиот тимски колега, Мексиканецот Серхио Перез , беше речиси една секунда побавен (1:15.374) и го постигна второто најдобро време.
Сепак, веќе на вториот тренинг разликите станаа значително помали. Верстапен повторно беше најбрз (1:13.907), но локалниот миленик Фернандо Алонсо (Астон Мартин) беше само малку побавен (1:14.077). Третиот резултат го имаше Германецот Нико Хулкенберг (Хаас) (1:14.177).
Саботните квалификации ќе започнат во 16 часот, а почетокот на неделната трка е закажан за 15 часот.