Двојна битка: Одбојкарите против Хрватска по втора победа, дамите против силната Естонија

334

По победата над Белгија, машката одбојкарска репрезентација на Македонија, вечерва (20.15 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ во рамките на 3. коло од групата „Б“ ја пречекува Хрватска во обид да ја оствариме и втората победа во Европската Златна лига. Историскиот триумф од пред неколку дена е дополнителен мотив за избраниците на Јошко Миленкоски, кои се обидуваат од меч во меч да ја креваат формата и да направат што е можно подобар пласман во првото учество во најсилната европска конкуренција.

Отсуството на Шестан и Седлачек е голем хендикеп за Хрватска, која во Скопје доаѓа како единствениот сигурен учесник на Ф4 турнирот кој ќе се одржи на нивен терен. Покрај тоа, Хрватите ги загубија првите два меча во групата со 3:1 од Белгија и со 3:0 од Украина. Во споредба со тимот којшто играше полуфинале со нас во Европската Сребрена лига пред две години, во составот на Хрватска ги нема и средниот блокер Дукиќ и либерото Сарчевиќ. Ние ќе бидеме комплетни, но останува да се види до пред самиот меч дали Миленкоски ќе направи некоја ротација во составот, како на мечот со Белгија со внесувањето на Андонов и Ричлиев.

Одбојкарките, пак, денеска повторно ќе ја отворат двојната програма во „Борис Трајковски“. Тие од 17.30 часот ја пречекуваат објективно најсилната селекција во групата, Естонија. Ние одигравме одличен меч со Летонија и за малку ни недостасуваше да го освоиме првиот европски сет. Естонките во првите две кола, двапати славеа, но избраничките на Пауновиќ најавуваат уште една силна партија и битка за секој поен.

Естонија ќе игра и на претстојното Европско првенство како една од земјите ко-организатори, што значи дека вложува многу во женската одбојка, а досега во Европската Сребрена лига покажа дека е атрактивна за гледање. Влезот во арената е слободен.

ПретходноПонуда која не се одбива: Има точно „100 милиони причини“ зошто Рамос си оди од ПСЖ
СледноФА КУП ФИНАЛЕ: Градските гиганти на „Вембли“ испишуваат историја