Во извонредна атмосфера во СЦ „Борис Трајковски“, македонската машка одбојкарска репрезентација ја оствари и втората победа во Европската Златна лига. Вечерва пред повеќе од 2000 навивачи во нашата најголема арена, избраниците на Јошко Миленкоски славеа со 3:2 (25-17, 25-22, 22-25, 29-31, 16-14) над селекцијата на Хрватска во еден тежок и неизвесен меч до самиот крај. Водевме со 2:0 во сетови, Хрватска ни се врати за 2:2, а по голема битка во петтиот одлучувачки сет на крајот стигнавме до победата.
Натпреварот го почнавме смирено. Тргнавме со водство, но Хрватите успеаја брзо да се соземат. Сепак, по оние 4:4, направивме мини-серија од 3:0 и дојдовме до прва почувствутелна предност (7:4). Откако успеавме да направиме предност од 9:5, хрватскиот селектор Седрик Енард го повика и првиот тајм аут. И по него работите не се променија. Ние продолживме со силен сервис кој ја растури играта на гостите, а и на блокот Милев и Љафтов имаа неколку одлични блок-поени со кои успеавме да дојдеме и до 14:8 и го принудивме Енард и вторпат да побара минута одмор. Ниту оваа пауза не ја поремети нашата игра. Продолживме смирено, поен за поен и дојдовме со предност од 20:15 во клучниот дел од сетот. Во завршницата фативме блок (Маџунков) и имавме неколку одлични сервиси кои ни го донесоа клучното водство за 25:17 и предност од 1:0. Александар Љафтов го заврши сетот со 5 реализации, а Никола Ѓорѓиев имаше 4.
И во вториот сет влеговме со разорен сервис и предност (4:2). Хрватите со многу напор успеваат да дојдат до пресврт и прво водство во вториот сет со 8:9. Тоа беше јасен сигнал за Миленкоски да побара тајм-аут. По паузата успеавме да се консолидираме и да се вратиме во водство. Направивме разлика од два поени и со 16:14 влеговме во клучната третина од овој сет. Предводени од капитенот Никола Ѓорѓиев кој успеа да реализира неколку тешки топки, во последните поени од сетот дојдовме со четири поени предност (21:17). До крајот ги искористивме сервис грешките на гостите и успеавме да ја претвориме втората сет-топка во 25:22 за водство и од 2:0. Никола Ѓорѓиев беше извонреден во вториот сет реализирајќи 7 напади.
Поен за поен се играше на стартот на третиот сет (4:4). Ние успеавме да се одлепиме со мала предност од три поени за 9:6, но Хрватите многу брзо успеаја да ја анулираат и да се вратат во егал (13:13). Со добар сервис на Маџунков и силни смечеви на Ѓорѓиев и Љафтов повторно доаѓаме до два поени предност за 16:14, по што гостинскиот селектор побара минута одмор. Хрватска успеа да се врати, па и да поведе со 17:18, а потоа и со 19:21 што беше знак за нов тајм-аут од нашата клупа. Со неколку грешки на прием само ги поттурнавме гостите со предност која на крајот значеше загубен сет – 22:25.
Нашата лоша игра од крајот на третиот, некако продолжи и на стартот на четвртиот сет, кога Хрватска направи почетна предност од 1:4, а Миленкоски веднаш мораше да искористи еден тајм-аут. Продолживме со лоша организација на игра во поле, а Хрватска веќе стигна и до плус шест (2:8). Во овие моменти не функциониравме во ниту еден елемент од играта, особено блокот, па Хрватска го „решеташе“ нашето поле. Иако успеавме да намалиме некој поен, Хрватска со силен смеч и натаму одржуваше голема предност до следниот тајм-аут на нашиот селектор при резултат 10:15. Стабилната игра на Хрватска не успеавме да ја пореметиме ниту со бројни замени, па Хрватите со плус два дојдоа до 18:20. Но следуваше ново будење и на публиката и на нашите репрезентативци. Дојдовме до израмнување и прва сет-меч топка на 24:23, но не успеавме да искористиме ниту една, па сетот отиде на разлика. Хрватите на крајот беа посигурни и успеаја да дојдат до 29:31 и да израмнат на 2:2.
Решавачкиот петти сет почна израмнето. Хрватска поведе со 0:1, ние возвративме за 3:2. Серијата продолжи со два добри напади на Н. Ѓорѓиев за предност од 6:3. На промена на страните заминавме со предност од 8:5. Хрватска успеа да ги искористи првите два поени во продолжението (8:7), па Миленкоски повика тајм-аут. Влеговме со плус три во финишот, но Хрватска не се предаде и се врати со 12:12. По примерот на четвртиот сет, повторно раигрување на поен повеќе, но ние успеавме да ја искористиме втората сет-меч топка и со 16:14 да ја авериме победата.
Во рамките на 4. коло следниот викенд и гостуваме на репрезентацијата на Белгија.
ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА 2023
3 коло
ГРУПА „Б“
Македонија – Хрватска 3:2 (25-17, 25-22, 22-25, 29-31, 16-14)
Белгија – Украина 0:3 (21-25, 21-25, 23-25)