Трет пораз во Сребрената лига: Одбојкарките немоќни пред силната Естонија

133

Трет пораз на нашата женска одбојкарска репрезентација во Европската Сребрена лига. Денеска во Скопје против фаворитот во групата, селекцијата на Естонија, избраничките на Стефан Пауновиќ одиграа лоши два воведни сета, за конечно во третиот сет да ја покажат вистинска форма и да дојдат до еден добар сет во кој покажаа дека во оваа селекција има репрезентативен потенцијал. Конечните 0:3 (10-25, 14-25, 20-25) треба да бидат само уште едно искуство пред преостанатите три дуели кои не очекуваат на гостински терен.

Мечот го отворивме со освојување на првиот поен, но Естонките продолжија со серија од 0:5 (1:5) која го принуди нашиот селектор да побара прв тајм-аут. Работите не се променија ниту во продолжение на сетот, затоа што гостинките имаа тотална доминација. Ние со по некој освоен поен се обидувавме да се одржуваме во живот, но залудно. Естонките убедливо го освоија сетот со 10:25 и најавија дека се дојдени по нов триумф.

Премот на сервис не успеавме да го подобриме ниту во вториот сет. Естонија тоа знаеше да го искористи и буквално да не остави без напад. Гостинките отворија со убедлива предност од 1:6, која успеаја умешно да ја задржат до средината на сетот (5:12). Селекторот на нашата репрезентација Пауновиќ се обидуваше со два брзи тајм-аути и неколку ротации во поставата да направи промена на текот и да се вратиме во игра, но попусто. Естонија не попушти и до крајот го приведе сетот до 14:25 и обезбеди убедлива предност од 0:2 во сетови.

Во третиот сет, конечно, работите тргнаа подобро. Освен што успеавме да ја стабилизираме играта, на стартот успеавме да дојдеме и до прво водство од два поени (6:4). Естонија со неколку промени успеа да израмни, па дури и да дојде до предност од два поени за 9:11. Желбата за докажување кај нашите млади одбојкарки беше забележлива и битката за секој поен продолжи, па ние повторно поведуваме – 12:11. Иако неколку одбојкарки кај гостите добија шанса од клупата, тоа и не ја промени многу нивната игра. Повторно со серија од неколку поени успеаја да преземат предност од пет поени за 13:18. Ние во финишот повторно успеавме да ги вратиме аплаузите од трибините и да дојдеме до поднослива разлика за конечни 20:25.

По овие три меча на домашен терен, следуваат три гостувања за нашите девојки. Првото гостување ќе го имаме следниот викенд токму на теренот на денешните ривалки, Естонија.

ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА (Ж)

3-КОЛО

Македонија – Естонија 0:3 (10-25, 14-25, 20-25)

Австрија – Летонија 3:1 (25-23, 16-25, 25-15, 25-23)

ПретходноРеал Мадрид потврди ново заминување!
СледноРаспад систем: Црвена Звезда дефинитивно го бојкотира финалето во АБА-лига!