МЗТ Скопје ја одбрани титулата и тоа по брза постапка. Тимот од Аеродром го совлада Пелистер со 83-92 за крајни 3-0 во плеј-оф финалето. „Сино-белите“ ја продолжија доминацијата во домашниот шампионат, своите витрини ги збогати со десетиот трофеј.
Главна движечка сила во редовите на МЗТ Скопје и овој пат беше Војдан Стојановски, кој сигурно ќе го понесе МВП признанието. Македонскиот репрезентативец покажа дека е класа, на сите три меча знаеше како да го повлече својот тим. Овој меч го заврши со 33 поени и 7 скока
Битолчани на крилата на своите навивачи со серија од 10-0 поведе со 22-15 во осмата минута. Следеше потег на Карутерс кој го врати гостинскиот состав во игра, направи лична грешка и намерна, па МЗТ Скопје со 6-0 намали на 22-21, не искористи напад да го врати водството.
Со нова серија од 6-0 и поените на Маслинко и Карпентер, Пелистер поведе со 27-21. МЗТ Скопје не блескаше, но тука беа Војдан и Абу да ги размрдаат своите соиграчи, израмнија на 27-27. Од овој момент се играше кош за кош, со тоа што Андоновски и Војдан зголемија на 34-39. На одморот резултатот беше 39-41.
МЗТ скопје влезе далеку посвеж во третата четвртина (27-18). До 18. минута доминираше, ја казнуваше секоја грешка на противникот и поведе со највисоки плус 14 (52-66) до овој дел од натпреварот.
Во последниот период актуелниот првак влезе со позитива од 57-68, се разигра и вториот брат, Дамјан Стојановски. На него се надоврза Војдан и веќе МЗТ Скопје дојде до водство од 57-73 во 33. минута.
Битолчани бараа начин како да се вратат во оваа средба, последниот обид го направија пред 36. минута кога со поените на Карутерс и Хаџифејзовиќ намалија на 72-79. Вер со тројка врати за 74-82, Пелистер ја врати силата, но заборави дека треба да внимава на машината Војдан Стојановски. Како одминуваше времето така беше јасно дека битолчани во ова финале нема што да бараат, за историја ќе треба да играат многу подобро од она што го покажаа во овие три меча.