Во една мирна и без возбудувања трка, особено кога станува збор за првото место, Макс Ферстапен победи на трката за Големата награда на Шпанија и со тоа уште повеќе се зацврсти на лидерското место во генералниот пласман во овогодинешниот Формула 1 шампионат.
Единствено на самиот старт на трката Ферстапен имаше проблеми кои му ги зададе Карлос Саинц но потоа цели 66 круга не го испушти лидерското место.
Луис Хамилтон и Џорџ Расел го комплетираа подиумот на денешната трка, додека Серхио Перез сериозно напредуваше од 11. место, но на крајот мораше да се задоволи со четвртото. Саинц имаше најголем пад од водечките и заврши петти, а покрај Строл и Алонсо, во првите десет завршија Окон, Цунода и Жу.