Потег за почит: Мекиќ се појави во дресот на Гечевски!

3195

Една убава слика се појави во неделата навечер во „храмот на кошарката“ во Задар и тоа благодарение на нашиот актуелен репрезентативец, Адем Мекиќ.

На вистинско место, во вистинско време, го оживеа митот на задарската, на македонската кошаркарска легенда, Тодор Гечевски. Мекиќ се појави во дресот на Гечевски.

„Пред се сакам да му ја честитам титулата на  МЗТ Скопје, каде што ја почнав оваа сезона. На моите соиграчи, на целиот стручен штаб, и на целата организација во клубот од Аеродром.

Што се однесува до мене, пресреќен сум, особено што можев да ја почуствувам сета оваа еуфорија која ја создава градот Задар, при освојување на некоја титула, без оглед на тоа дали била шампионска титула, Куп, или нешто трето. Едноставно, навистина е неверојатно чувството да се биде дел до една ваква организација, и клуб со една ваква традиција, кој од вчера е првак на Хрватска. Немам зборови да опишам што се случува тука. Би сакал и други мои соиграчи да го доживеат ова што јас го почуствував и сеуште го чувствувам како припадник на Задар“, опишува, или се обидува да го направи тоа македонскиот репрезентативец.

Она што го направи за време на свечената церемонија Адем вели дека тоа е признание, знак на почит за навивачите на Задар што направиле за него од денот на доаѓањето во овој град на Јадранот.

„Многу добро знам што Тодор Гечевски значи, не само за овој град, туку и за нашата кошарка. Веројатно малку луѓе кај нас знаат, што и не е така чудно дека овде бев прифатен како Тоше. Од првиот момент публиката во Задар ми скандира-ше: ‘Тодоре, Тодоре, Тодореее’. Тоа и ме поттикна да го направам ова, што, ете, и донесе дополнителна димензија на прославата. Секој кој професионално се занимава со кошарка, со спорт, воопшто, посакува да му се случуваат вакви моменти. Ќе останам да уживам во сето она што ни се случува“, порачува Мекиќ од Задар.

Македонскиот кошаркарски репрезентативец и неговиот Задар со стил стигнаа до титулата во хрватскиот шампионат, откако во финалната серија со „метла“ го почастија Сплит.

ПретходноЈунајтед тргнува по Мејсон Маунт со 50 милиони фунти
СледноИбрахимовиќ: И Господ плаче поради мојата одлука!