МЗТ Скопје ја продолжи доминација во македонскиот шампионат. Тимот од Аеродром ја освои десетата титула во својата историја, во финалната серија без мака, со 3-0 го победи Пелистер.
Од април на чело на „сино-белите“ застана Васко Атанасов. Младиот струмичанец дојде на местото на Драган Николиќ, успешно ги водеше кошаркарите до финалето, а таму на моќен начин МЗТ Скопје завери нова титула. Тој оствари и една победа во АБА-лига против Сплит на гости, во оние моменти кога македонскиот првак се бореше за последната шанса да опстане во јадранското друштво.
Атанасов и раководството на клубот и официјално ја договорија новата соработка за следната сезона.
Двете страни веќе почнаа со создавање на „костурот“ на тимот кој ќе има за задача да ги одбрани двете титули.
Првото засилување доаѓа од Феникс. Станува збор за младиот плејмејкер Марин Петков, кој имаше одлична сезона, беше лидер во редовите на својот клуб. Соработката е договорена, па МЗТ Скопје за следните неколку сезони доби квалитетно освежување на плејмејкерската позиција.