Андреј Андоновски е пример како со напорна работа, труд и многу пот може да се оствари детскиот сон. Од момче кое не спиело од радост поради фотографии со Војдан и Дамјан Стојановски, дојде во ситуација да слави титула како рамноправен со двете легенди на макбаскетот.
Андоновски одигра храбро и во финалето, но и на секој натпревар на кој доби шанса. Секоја минута ја искористи максимално, храбро и дрско, преку далеку поискусни имиња влегуваше во дуел.
„На седмо небо сум, бидејќи освоив титула со тимот за кој навивам цел живот. Ова е награда за сиот труд вложен изминатава сезона. Секој аеродромец живее за успесите на МЗТ, а, оваа титула ми е послатка од сите претходно бидејќи и самиот имав придонес во нејзиното освојување. Уште како мал сонував дека еден еден ќе играм како Дамјан и Војдан Стојановски чии мајстории на паркетот прво ме ‘примораа’ уште повеќе да ја засакам кошарката, а потоа и да тренирам напорно за барем приближно да бидам како нив. Да се игра крај нив, па згора на тоа да се освои титула заедно со нив е нешто неверојатно. Чест ми е што можам да ги наречам соиграчи од кои секојдневно учам и поради кои сум подобар кошаркар. Од фотографијата со Војдан мина една деценија во која со напорна работа стигнав до дресот на тимот за кој навивам. По десет години, пак, се гледам како лидер на МЗТ во европски натпреварувања и како стандарден репрезентативец на Македонија, што верувам дека со напорна работа и ќе го остварам“, вели Андреј Андоновски, три дена по освојувањето на титулата со МЗТ Скопје.