30 години без неповторливиот – кошаркарскиот Моцарт Дражен Петровиќ

138

На денешен ден, пред точно 30 години, некогашната легенда на југословенската и хрватската кошарка, Дражен Петровиќ, трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на автопат кај германскиот град Инголштад. Дражен беше кошаркар и човечки пример, спортски Моцарт, но за жал, почина на 29-годишна возраст, во врвот на својата играчка кариера.

Својот последен меч го одигра против Словенија во квалификациите за Европското првенство во Вроцлав. Роден е на 22 октомври 1964 година во Шибеник, уште како момче се заљуби во кошарката, а неговата исклучителна упорност и посветеност на секојдневните тренинзи, заедно со неговиот неоспорен талент, брзо го направија еден од најдобрите во сите возрасни групи.

На шеснаесет години стана првотимец на Шибенка. Цибона и Реал Мадрид беа недостижни за сите европски клубови во годините кога Дражен играше за нив. Откако постигна сè во Европа, замина во најсилната светска лига – НБА. Иако седеше повеќе отколку што играше во првата сезона поради политиката во Портланд, тој го покажа својот феноменален талент две години подоцна во Њу Џерси Нетс. Не само што беше најдобриот шутер на тимот (особено за три поени) во 1992 година, тој беше и најдобриот Европеец кој дотогаш играше во НБА. Таа година Дражен ја предводеше хрватската репрезентација до најголемиот успех, среброто на Олимписките игри во Барселона, во финалниот натпревар против единствениот вистински Дрим Тим, во кој настапија најдобрите играчи од НБА и во исто време некои од најдобрите кошаркари во историјата – Мајкл Џордан, Лери Бирд, Меџик Џонсон, Скоти Пипен и други.

Беше примен во Куќата на славните на кошарката во 2002 година.

ПретходноДарко Тасевски и официјално ја заврши кариерата, пригодни подароци пред последниот меч
СледноМарјан Ристовски пред промоција во Шкендија!