Тимот на Вест Хем синоќа го освои трофејот во Конференциската лига откако во финалето со 2:1 ја совлада италијанска Фиорентина. Менаџерот Дејвид Мојс кој е искусен стратег го имаше што се вели хајлајтсот на својата кариера. Па така, тој стана првиот шкотски менаџер кој освоил голема европска титула по Сер Алекс Фергусон. По натпреварот тој изјави дека овој момент ќе го памети долго, бидејќи нема многу вакви во кариерата на еден тренер.
„Тоа е фантастично. Имав долга кариера во фудбалот и знам дека нема многу такви моменти. Затоа сум благодарен. Ова беше одлична вечер. Мора да се работи напорно за тие моменти. Вечерва беше брилијантна. Тоа е голем клуб од источен Лондон, кој прави прекрасни работи за локалната заедница, семеен клуб. Денеска направивме уште еден чекор во нашиот континуиран напредок“, изјави Мојс.
„Играта можеби не се одвиваше онака како што очекувавме. Завршивме непоразени во Европа оваа година, што е неверојатно. Играњето во Лига Европа следната година повторно ќе биде одлично искуство“, додаде Шкотланѓанецот.
„Моментот кога славите во последната минута од натпреварот и можете да го направите тоа со вашето семејство не се случува често. Работите можеа да тргнат во друг правец, но денес тоа не се случи и чувството е брилијантно. Овој турнир беше одличен за нас, момците беа неверојатни. Лошата сезона ја претворивме во супер сезона. Да се игра во Премиер лигата и Лигата на Европа или Конференциската лига во исто време е тешко, но успеавме да ги направиме и двете“, заклучи Мојс.