Машката одбојкарска репрезентација вечерва (18 ч.) во Шарлоа против Белгија ќе го одигра и четвртиот натпревар во рамките на Европската Златна лига. По стартниот пораз против Украина и двете домашни победи над Белгија и Хрватска, избраниците на Јошко Миленкоски денеска ќе се обидат да ја изненадат младата и квалитетна Белгија на гостински терен. Домаќините најавија полна сала и голема поддршка од навивачите, што ќе биде и дополнителен тест за нашите репрезентатвци кои треба да покажат како ќе се однесуваат на гости по оние две победи пред наша публика. Миленкоски и одбојкарите најавија борба за победа, иако потенцираа дека резултатите не се приорите, туку темпирање на формата за престојното Европско првенство чии домаќини сме на крајот на август и почетокот на септември.
Белгија има една победа во групата, онаа стартната над Хрватска од 3:1 во првото коло, по што следуваа два порази од нас и од Украина. Денешниот меч и за нив ќе биде последен на домашен терен, па сигурно ќе сакаат со победа да им се оддолжат на фановите.
Нашата женска репрезентација, по трите домашни порази во првите три кола денеска (15 ч.) е гостин во Тарту кај Естонија. Најголемиот фаворит во групата славеше во минатото коло во Скопје и бездруго и денеска е супер-фаворит во дуелот со нашите девојки. Тие, пак, предводени од селекторот Пауновиќ ќе се обидат да го искористат и овој меч за ново акумулирано искуство од дебитантското учество во Европската Сребрена лига.
ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА 2023 (М)
4 КОЛО
18.00 Белгија – Македонија
утре: Хрватска – Украина
ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА 2023 (Ж)
4 КОЛО
15.00 Естонија – Македонија
15.00 Летонија – Австрија