Здружението на кошаркари со апел: Зголемувањето на бројот на странски играчи ќе ја уништи репрезентацијата!

122

Здружението на кошаркари излезе со став по повод можното зголемување на бројот на странски играчи во домашниот шампионат. Тие апелираат дека на овој начин ќе има големи последици врз кошарката, пред се репрезентативната во која ќе нема напредок.

Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение.

„Следствено збиднувањата поврзани со барањето на некои од кошаркарските клубови за зголемување на бројот на странски играчи, го покреваме овој апел до сите спортски работници и пред сѐ – Кошаркарската Федерација.

Изминатите години, откако беше намален бројот на странски играчи во нашата лига, бевме и сѐ уште сме сведоци на константниот напредок на нашата репрезентација.

Во прилог на истата таа одлука, произлегоа неколку нови, млади и квалитетни македонски кошаркари, кои дури и прераснаа во лидери на своите екипи.

Фактот дека давањето шанса на младите играчи подложи на одредени ризици е занемарлив, меѓутоа, тоа е единствениот начин за напредок на македонската кошарка. Секој напредок, независно за што станува збор, изискува одреден ризик.

Здружението на играчи верува во стручноста на луѓето кои во моментов раководат со нашата Кошаркарска Федерација и нејзиниот Управен одбор, па очекуваме дека сериозноста на ова барање ќе биде сфатена, како и големите последици кои би ги предизвикала нивната потенцијална афирмација на истото тоа барање.

Ние, македонските кошаркари, искрено се надеваме дека нема да бидеме ставени во позиција да ја користиме Македонската кошаркарска репрезентација како алатка да се заштитиме, а тоа ќе ни биде единствената преостаната опција доколку не наидеме на поддршка од оние кои ја имаат одлучувачката улога.

Уште еднаш потенцираме дека оваа одлука е една од клучните за развој на македонските играчи во иднина и е тема која е најболна за целата македонска кошарка.

Иднината на македонската кошарка останува во рацете на Федерацијата“, се вели во соопштението на Здружението на кошаркари. 

ПретходноЛШ – финале: Пеп 12 години го сонува “ушлето“…, Сити мора, а Интер може!
СледноКаланоски е пред трансфер во Грузија, во тимот на Капинковски!