Конечно. По толку фрлени милијарди, по толку напор и фрустрации, Манчестер Сити вечерва во Истанбул испиша историја. Пеп Гвардиола му ја донесе првата титула на пребогатиот Сити, инаку ова е негова трета титула во ЛШ и тоа со 1:0 против Интер.
Сити со голот на Родри во 69.минута стана европски првак за првпат во својата историја.
Ако пред две години загуби во финалето од Челзи, вечерва успеа да слави над храбриот Интер.
Финалето можеби ќе изгледаше сосема поинаку ако Бернардо Силва имаше барем малку повеќе среќа во таа 5.минута кога шутирапе кон голот на Интер, но за малку топката отиде покрај левата статива.
Брозовиќ врати во 19.минута, но неговиот шут беше очаен, Сити се обидуваше да наметне иницијатива, но тимот од Милано беше тактички перфектен, очигледно е дека Сити си имаше проблеми. Во 25.минута празен беше голот на Сити, но Барела од околу 40 метри не успеа да биде прецизен и да ги израдува своите фанови.
Две минути подоцна Халанд од лево се најде во шанса, но Онана беше одличен. Следуваше шутот и на Де Брујне ама премногу млако.
И во 36.минута Де Брујне поради повреда мораше да го заврши финалето, место него влезе во игра Фоден. Нема што, голем хендикеп за четата на Пеп Гвардиола.
Во вториот дел се разгоре битката на теренот на стадионот „Ататурк“, јасно е дека Сити повторно имаше доминација, посед, но Интер знаеше што треба да прави.
Во 59.минута само себичноста на Лаутаро беше виновна што Интер не поведе со 1:0. Аргентинецот требаше да го проигра осамениот Лукаку, но овој се реши сам да ја заврши акцијата и погреши.
И тогаш гол. Родри во 69.минута му донесе водство на Сити, откако претходно “граѓаните“ одиграа прекрасна акција, а овој мајсторски ја заврши за 1:0, за голема еуфорија кај сите во Сити.
Само две минути подоцна Интер имаше супер – шанса да израмни. Димарко прво ја погоди пречката, а потоа шутираше но само во Лукаку кој несакајќи го спаси голот на Сити.
Каква среќа за Сити во 88.минута, како ли само Лукаку по центаршутот на Госенс не погоди за 1:1. Нестварно.
На крај сепак 1:0 за Сити и победа во финалето во ЛШ.