Настан на годината на клупски план. Вечерва на стадионот „Ататурк“ во Истанбул, финале во Лигата на Шампионите. Манчестер Сити против Интер. Многумина велат дека тоа ќе биде дуел или игра на мачка и глушец, се разбира мачката е тимот на Пеп.
Но, Интер, ех, Интер. Кој ли само може да каже дека клубот од Милано сигурно ќе загуби? Кој?
Секоја чест за историјата и традицијата на “неро-аѕурите“, трипати европски шампиони, последен пат со Пандев во тимот, но вечерва Сити и Пеп се во главна улога.
Каталонецот цели 12 години чека на “ушлето“, од таа 2011 кога со Барса го победи Манчестер Јунајтед во финалето.Тоа е премногу долг период за тренер како Пеп.
Тоа се долги години фрустрации, посебно откако е менаџер во Сити. За седум години безброј трофеи на домашна сцена, но триумф во ЛШ нема, па нема. Потрошени милијарди, уништени соништа, киксови за потсмев.
Да,може да си газда во ПЛ, но тие Челзи, Јунајтед, посебно Ливерпул можат да прашаат: Извинете, ама кога вие сте биле најдобри во Европа?
Вечерва Пеп не треба да експриментира, како што тоа до лани многупати знаеше да го прави и да ја упропасти тактиката. Понекогаш и многу генијалност не чини. Треба само да ги пушти Халанд, Де Брујне и компанија да одиграат како што играа досега сезонава и се ќе биде во ред. Се разбира за Сити.
Можеме само да претпоставиме какви ќе бидат солзите на Пеп ако победи, ако тој товар од грбот конечно го симне.
А што ако загуби? Е тогаш веќе ништо не го “пере“, па дури идната сезона да има 38 победи на 38 мечеви во Премиерлигата.
Сити мора, но Интер може…
Не заборавајте дека Интер знае како треба, Симоне досега нема загубено финале, ни како играч, ни како тренер. Интер покажа дека знае да игра на резултат и знае да победи.
Некои велат дека минал онака сезонава во ЛШ?
Зарем преку Барса во групната фаза, потоа преку Бенфика и Порто и на крај преку Милан е онака минување?
Останува да уживаме во историски меч, секако дека тоа ќе биде кој и да победи. Да уживаме во уште едно спектакуларно финале како она во 2005 исто во Истанбул.
И, да, конечно дали Пеп ќе покаже дека нешто научил од тоа како не треба, како треба знаеме дека знае…