Пелистер продолжува со новитетите за новата сезона во која ќе настапува и во Лигата на шампиони. Малата данска колонија ќе биде побогата за уште еден ракометар.
Андреас Јохан Нилсен потпиша договор на една сезона, со опција за продолжување за уште една ако двете страни дадат согласност. 25-годишниот дански кружен напаѓач доаѓа во Македонија од данскиот прволигаш Морс, висок е 198 сантиметри, тежок 107 килограми и со своите настапи во земјата на светскиот првак во последните неколку години значително се наметна.
Пред да дојде во Морс, Нилсен го носеше дресот на Нордсјеланд, а има свои настапи и во младинските категории на данскиот национален тим.
„Особено задоволство ни е што покрај Кисум, нашиот дрес ќе го носи уште еден дански ракометар во сезоната 2023/24, незаборавајќи ги убавите денови кои во нашата земја ги минаа Себастијан Хенеберг и Ларс Валтер.
Официјалното претставување на Нилсен е предвидено по почетокот на подготовките во Битола“, порачаа од Пелистер.