Фудбалерите на Струга ТЛ и стручниот штаб на чело со Шпетим Дуро веќе неколку дена е во “погон“. Подготовките за настапот во квалификациите за Лигата на Шампионите и секако за наредната сезона во ПМФЛ, веќе се одработуваат во клупската база во околината на Струга.
Во пресрет на европските мечеви ова лето, секако дека е неопходно да се воигра тимот, а тоа најдобро се прави со одигрување на пријателски или контролни натпревари.
А шампионот и тоа како ќе ги има, и тоа против силни ривали, најдобрите екипи од Косово и Албанија.
На 23 јуни во Охрид ривал ќе биде првакот на Косово, тимот на Балкани. На 30 јуни спаринг партнер ќе биде шампионот на Албанија, составот на Партизани а на 5 јули, меч кој ќе биде и генералка пред евро настапите, во Поградец, тимот на Струга ТЛ ќе ги одмери силите со Тирана.