Македонската одбојкарска репрезентација по поразот од Белгија со 3:0 во 4. коло од групата „Б’ во Европската Златна лига, веќе е во Задар каде во среда ќе го одигра мечот од претпоследното 5. коло во групата, против селекцијата на Хрватска. Хрватите се единствената репрезентација во нашата група која по 4 кола има исто толку порази. Сепак, за нив овие дуели се само подготовка пред Ф4 турнирот чии домаќини ќе бидат без разлика на пласманот во групата.
„Со Белгијците мечот го загубивме самите. Се случуваат и такви работи во спортот. Мораме да се носиме и со тоа. Против Хрватска очекувам да бидеме подобри. Кај Хрватите полека се приклучуваат и играчите што ќе настапат за нив на Ф4 турнирот и секако овој натпревар нема да биде нималку лесен. Ќе мора да се игра поорганизирано, ако сакаме да победиме. Едно е само различно од почетокот. Ако тргнавме со мисли дека ова е загревање за Европско првенство, по двете победи апетитите пораснаа, па сега сакаме да продолжиме во победнички ритам. Во среда одиме на победа, па ако се посилни нќе им подадеме рака“, вели искусниот техничар на нашата репрезентација, Филип Деспотовски.
Дуелот со Хрватите во Задар ќе се одигра во среда од 20 часот.