Во пријателски натпревар во Бремен, репрезентацијата на Украина беше пред победа против фаворизираната Германија, но упорните домаќини на крајот се спасија од пораз и извадија реми – 3:3. Конечниот резултат веројатно не сооветствува со желбите на „панцирите“ кои сакаа победа за јубилејот– 1000 натпревари на националниот тим низ историјата.
Противникот на нашата репрезентација в петок во Скопје во рамките на квалификациите за ЕП 2024, одигра одличен меч и уште во првиот дел покажа дека е во добра форма и оди на победа. Германците поведоа во 6. минута со голот на Филкруг, но веќе во 18. минута беше 1:1. По асистенција на Тимчук, Циганков погоди за израмнување. Украина само пет минути подоцна направи пресврт. Со автоголот на Ридигер, Украинците поведоа со 2:1 и заминаа на пауза со предност.
Во второто полувреме, Циганков со својот втор гол во 56. минута ја донесе Украина и до предност од 3:1, за во завршницата домашните преку Каи Хаверц (83’) да намалат на 2:3, а потоа со гол од пенал на Џошуа Кимих и да дојде до реми 3:3.