Комити обвинуваат: Цобе е најистурениот играч на непријателите на Вардар!

4098

Еден од водачите на „Комити“, Милорад Миленковски, кој исто така е предводник на спасот на ФК Вардар повика на неопходната мобилизација во пресрет на подготовките за новата сезона во ПМФЛ. Тој се обрати до актуелниот сопственик Слободан Крстевски. Миленковски информира дека Крстевски до петок мора да поднесе Завршна сметка и Ревизорски извештај до ФФМ за да се добие лиценца за ПМФЛ. Ако тоа не се случи Вардар може да остане без настап во Првата лига.

Наместо убави моменти, кои според секоја логика требаше да ги доживуваме, а ФК Вардар, нашата љубов да ги живее, започнува црно сценарио, во кое во главна улога е олигархијата, и темната страна на политиката, на терен претставена од најистурениот играч на непријателите на Вардар, “сопственикот” – Слободан Крстевски.

Тој во многу наврати си дозволи да не излаже нас, и стручниот штаб, и играчите, и секој еден поединец од сите делови на она што претставува Вардар, а паралелно со нас и јавноста.
ФК Вардар е ставен во многу незавидна ситуација од тие лаги, манипулации и измами со кои се служи овој човек, а покрај него и сите кои стојат позади него, во оваа специјална војна која му се случува на клубот.

Цобе ветува дека до Петок, ФК Вардар ќе поднесе Завршна сметка и Ревизорски Извештај до Лиценцната Комисија при ФФМ, за настап во првата лига, со цел да докаже дека барем еднаш ќе одигра за интересите на Вардар и сите ние кои сме вљубени во тоа свето име и Македонска Авангарда. Иако е клубот “негов” тој до сега ниту еднаш не направи ниту еден потег за да го покаже тоа на дело…Неверојатно но вистинито !?

Институциите, и надлежните органи не најдоа за сходно, барем до сега, да направат било каков чекор во правец на заштита на она што претставува Национално Богатство, Симбол и Клуб на Народот. А упатени беа безброј апели, од искрени побуди и со чистина невидена досега на нашата сцена. Тоа не беше доволно, за да се одбере народот наместо олигархијата, за жал.
Останува Вардар да се потпира само и единствено на Комити Скопје, останатите навивачи на Вардар, но и конечно народот и јавноста.

Оставени сме сами на себе, но ако сме одлучни оваа војна да ја истераме до крај, без притоа да го жалиме непријателот, а ниту себеси, уверен сум дека ќе доживееме Победа и сеопшт Народен Триумф, кој му е толку потребен на овој напатен народ, како за промена од секојдневието исполнето со порази и деморализација на сопствениот народ.

Ако го сакаме Вардар дајте сите да се избориме за него, без колебања и без пардон, затоа што ВАРДАР е МАКЕДОНИЈА ! Доколку тоа не го сториме, ќе не колнат нашите поколенија, затоа што не сме достојни да се нарекуваме родители и Слободни луѓе, ниту пак сме достојни да ја газиме оваа света земја Македонија. Нема да сме достојни да се нарекуваме Комити.

ПретходноРеал си го врати Брахим Диас и го врза со договор до 2027 година
СледноМанев и Емини: Целта е против Украина да го одиграме најдобриот натпревар