Женската одбојкарска репрезентација на Македонија повторно беше многу блиску до освојување на првиот европски сет во Сребрената лига на ЦЕВ, но не успеа да искористи ниту една од сет-топките на дуелот со Летонија во Рига и претрпе нов максимален пораз од 3:0 (25-19, 25-17, 31-29).
Избраничките на Стефан Пауновиќ слабо го отворија мечот и во првите два сета немаа многу шанси против домашниот тим. Кај нас недостасуваше сигурност во играта на прием, која им ја олесни задачата на домашните одбојкарки кои прилично лесно дојдоа до водство од 2:0 во сетови.
Во третиот сет видовме најдобра одбојка, но и најдобра партија на нашата репрезентација. Водевме континуирано во втората половина на сетот (13:16, 15:19, 20:23), но по една судиска грешка на 21:23 за Македонија кога судиите им подарија поен на домашните, Летонија се врати во игра и на крајот по голема борба успеа да дојде до потребните 31:29 за конечни 3:0.
Левинска со 23 и Јурџа со 19 поени беа незадржливи кај Летонија, додека во нашата селекција Тамара Стојанова заврши со 11 поени, додека Стојановска реализираше 9, а Терзиевска 8 поени.
За нас останува в сабота против Австрија да се обидеме во последниот меч во групата да го освоиме првиот сет во ова натпреварување.
фото: CEV.eu