Бадел 1862 направи уште еден чекор напред пред останатите кога станува збор за женската кошарка кај нас. Екипата која е најконстантна во овој спорт и вложува во иднината во следната сезона одлучи својата генерација на кошаркарки родени во 2007 година и помлади да ги пријави во Јадранската лига У17.
„Сезоната 2022/2023 е позади нас. Сезона во којашто нашите баделки во сите конкуренции, со значително подмладени состави (од сениорска конкуренција до помлади пионерки) постигнаа одлични резултати….вицешампионки во сениорска конкуренција, М18 – бронзени, М16 – сребрени, М14 – шампионки, М12 – генерација којашто оваа сезона ги имаше своите први официјални настапи.
Позади нас е сезона во којашто нашата младост го докажа неспорниот квалитет, квалитет којшто е резултат на работата на нашиот стручен тим во подолг временски период.
Постигнатите резултати го отсликуваат патот по којшто се движи ЖКК Бадел 1862, пат којшто не завршува во рамките на домашните натпреварувања.
Историските достигнувања на сениорките на ЖКК Бадел 1862 во WABA лигата (2021/2022), одличните резултати на кадетките во WABA U17 (2019/2020) за нас се репер и предизвик за уште подобра презентација и подобри резултати на меѓународен план.
Во таа насока е и одлуката нашите кадетки (родени 2007 и помали) да земат учество во регионалната WABA U17 лига во сезоната 2023/2024“, се вели во соопштението на Бадел 1862 на својата официјална страница.