Ричков: Дресот на Македонија дава мотив и инспирација да се даде максимум

368

Репрезентацијата на Македонија до 21 година денеска ќе го одработи последниот тренинг пред утрешниот прв контролен натпревар против соодветната селекција на Ерменија.

Контролниот дуел против Ерменија ќе биде одигран на тренинг центарот „Петар Милошевски”, во Скопје со почеток од 17. часот.

Левиот бек на Шкупи и еден од најперспективните млади играчи во Македонија, Марио Ричков, даде свој коментар и анализа за претстојните обврски и предизвици на младата репрезентацијата  до 21 година.

Очекувам да се прикажеме во добро светло на последните два контролни натпревари против Ерменија и Малта и да оствариме позитивен резултат. Оваа селекција покажа голем квалитет и желба за победа на  меѓународниот турнир што го одигравме во Анталија, Турција. Одигравме одлично против Словачка и Финска, докажавме дека можеме да се надигруваме со две многу квалитетни репрезентации. Доколку одиграме сите заедно како тим, во ист ритам, со голема желба и пожртвуваност, верувам дека ќе дојдеме до позитивен резултат на мечевите со Ерменија и Малта, а тоа е победа. Не смее никој да потцениме, денешниот фудбал е многу променет и напреднат, нема лоши репрезентации. Денеска и најслабо рангираните селекции можат да изненадат, да одиграат добро, затоа мораме да бидеме многу претпазливи во квалификациите што ни следат. Доколку одиграме максимално сконцентрирано и посветено и ги исполниме задачите кои од нас ги бара селекторот заедно со неговиот стручен тим, верувам дека би можеле да ја израдуваме цела Македонија, успевајќи да обезбедиме пласман на следното Европско првенство. Нема да биде лесно во квалификациите, имаме тешка група, но нема да се откажеме, ќе дадеме се од себе, ќе оставиме срце на терен за остварување на успех и позитивен резултат. Атмосферата е одлична, функционираме како едно семејство. Јас сум еден од новите членови во младата репрезентација, навистина сум среќен што одлично ме прифатија сите тимот, тренерот, стручниот штаб и другите фудбалери. Тоа ми дава дополнителен мотив за да продолжам да играм добро и да давам се од себе за дресот со државниот грб“ – изјави дефанзивецот пред утрешниот дуел со Ерменија.

Младата репрезентација на Македонија, по утрешниот меч со Ерменија, ја очекува уште еден контролен дуел со селекцијата на Малта на 20. јуни.

ПретходноИвановски победи, Македонија изедначи, а ќе решава дублот во мечот со Малта
СледноНеверојатно: Кутињо, Мане и Фирмино може повторно да играат заедно и тоа со Дарко Велковски!