Македонија домаќин на Били Џин Кинг купот

84

Тениските возбудувања во Скопје на терените на ТК Југ продолжуваат во следниот период со мечевите на женските репрезентации во рамките на Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот. Македонија ја има улогата на домаќин, а покрај нашата репрезентација се уште 10 други. Вкупно 11 репрезентации ќе бидат дел од натпреварувањата кои ќе се играат од 19 до 24 јуни. Дел од репрезентациите се веќе пристигнати во Скопје и тренираат, додека комплетирањето е предвидено за утрешниот ден.

11-те селекции ќе бидат поделени во две групи (со 6 репрезентации една група и со 5 репрезентации втората група). Двете првопласирани репрезентации од групите во сабота (24.јуни) ќе го играат финалето, а победникот ќе се пласира во Втората зона од ова натпреварување.

Македонија ќе биде предводена од нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа, а покрај неа во составот се уште: Магдалена Стоилковска, Александра Симева, Ана Митевска и Ива Данева, а селектор е Димитар Лабудовиќ.

Според рангот улогата на носители на групите ќе ја имаат селекциите на Луксембург и на Финска, кои минатата година испаднаа од Втората Евро-африканска зона, додека репрезентацијата на Сан Марино по 26 години пауза повторно е дел од ова натпреварување, другите осум селекции и минатата година играа во Третата Евро-африканска зона.

ПретходноОдбојкарките без освоен сет ги завршија настапите во Сребрената лига
Следно„Фалангата“ организира фан зона во Манчестер пред дуелот Англија – Македонија