Колку и да имаме искусни играчи во составот, сепак, Езџијан Алиоски е еден од оние кои може да се пофали дека одиграл редица мечеви на Олд Трафорд. Местото каде што утре репрезентацијата на Македонија го игра третиот дуел од актуелниот европски квалификации, против домаќинот Англија.
Тој добар дел од неговата досегашна кариера ја мина во тимот на Лидс со кој играше и во Премиер лигата, и нормално бил дел од мечевите на овој легендарен стадион. Токму тоа според Џани е клучниот момент за утрешниот меч.
„Ова е специјален момент за сите, посебно за играчите кои се првпат во Англија и гледале натпревари на овој терен од Лигата на шампионите и од Премиер лигата. Сите ќе уживаат, а ако сме подготвени ментално и имаме дисциплина, можеме да направиме нешто тука. Сите знаеме дека нема да биде лесно, дека Англија е голем фаворит, ама ние никогаш не губиме надеж и не се предаваме. Затоа дојдовме тука, да играме“, изјави Алиоски.