Македонската одбојкарска репрезентација со пораз 0:3 (18-25, 24-26, 23-25) го заврши годинашниот настап во силната Европска Ззлатна лига. Во последниот меч од групата „Б“, суперфаворитот Украина ја потврди доминацијата и со шест макксимални победи го заврши натпреварувањето на првото место.
Дуелот го почнавме со посебна мотивација и тоа беше забележливо уште по првите неколку поени. Украинците тргнаа со силен сервис, на кој возвративме со добар прием. Добриот старт го крунисавме и со нависока предност од три поени за 6:3. Украинците се вратија со серија и успеаја да го преземат водството (7:8), потоа и да дојдат до плус два а 9:11, што предизвика и прва реакција на нашата клупа. И покрај тајм-аутот, Миленкоски е успеа да ја прекине жестоката серија на гостите која продолжи до 10:15 и го принуди нашиот стручен штаб на уште 30 секунди одмор. Украинците успеаја да ги затворат сите наши напади и никако не успеавме да најдеме решение за нашата игра во напад, која најчесто завршуваше во блокот на гостите. Украина само во првиот сет имаше три блокади и дојде во финишот на сетот со предност од пет до шест поени и на крајот го освои сетот со 18:25.
Одличен почеток имавме и во вториот сет. Почетната разлика од неколку поени, кон средината на сетот ја претворивме во одлични плус пет (11:6). Украина се обиде да парира но ние ги искористивме сите шанси и успеавме во последната делница од сетот да ја задржиме предноста (18:13). Желбата и свежината со која влеговме во сетот ни донесе и највисоки плус шест (20:14), по што украинскиот селектор повика тајм-аут. Оттука Украина повторно се врати со полна сила. Гостите со силен сервис го разбија нашиот прием и брзо ја топеа негативата. Во финишот на сетот поведоа (22:23), дојдоа и до прва сет-топка која ние успеавме да ја одбраниме, но оваа втората со ас-поен ја претворија во водство од 0:2 во сетови (24:26).
Третиот сет го почнавме слабо и Украина брзо дојде до предност од 0:3. Украинците во продолжението не ни оставија премногу простор за маневар, но успевавме да се одржиме блиску до нивната предност од три-четири поени (7:11), по што Миленкоски повика прва пауза. Лука Костиќ успеа да влезе во серија од два поени и да дојдеме до 9:12. Украина дојде до високи 10:15, но ние успеавме да фатиме нова серија од три поени (13:15) што го принуди гостинскиот селектор на тајм-аут. Сетот продолжи поен за поен, но ние никако не успеавме да се приближиме до предноста на гостите. Украина дојде до високи 20:24 и имаше неколку меч-топки, кои ние на сервис на Љафтов успеавме да ги одбраниме, се до последната, која по тајм-аутот на гостите, Семенјук ја претвори во конечни 23:25.
Никола Ѓорѓиев со 15 поени беше најефикаесн во нашата селекција, каде Љафтов заврши со 11. Кај гостите доминираше најдобриот украински одбојкар Плотницки со 15 поени.