Спортмедиа во Манчестер, Игор Д. Ивановски
Тешко е, болно е. Ваков пораз не очекуваа ни најголемите песимисти кога станува збор за македонската репрезентација. Да, не е толкава трагедија дека си загубил со 7 парчиња, туку во начинот на кој си загубил.
Еееј, играш на “Олд Трафорд“ против Англија. Па ти треба да леташ бре. Да гризеш, да играш до последна капка пот, до последна капка крв за себе, за своите другари, за тие 1.000 фанови кои дојдоа да се бодрат и на прво место да гинеш на треваниот тепих за Македонија.
Така се игра за репрезентацијата на својата земја.
Жално е што од тоа не видовме ни еден насто од нашите “манекени“, кои делуваа бездушно, делуваа како да им сеедно дали ќе загубат со 3:0, 7:0 или 10:0.
Е, така не може, така тоа не оди. Така може да се игра во двор на мали голчиња.
Вечерва немаше збор да кажеме и ако беше 10:0, ама да видовме жар во очите на “манекените“, да видиме борба, да видиме се она што досега ја красеше оваа генерација, оваа Македонија.
А за анализа допрва ќе видиме. Има многу, многу да се коментира и зборува..