Спортмедиа во Манчестер, Игор Д. Ивановски
Елиф Елмас, нашиот фудбалски Дијамант и да бираше не можеше да одбере подобар момент за еден свој јубилеј. А тоа е 50-тиот настап во дресот на Македонија, и тоа на “Олд Трафорд“ и тоа на гости кај Англија.
Зарем можеше подобро и поубаво? Уште само тој свој јубилеј да го прослави со гол и со добар резултат, е тоа ќе биде навистина спектакуларно.
Елмас кој не крие дека од срце игра за својата Македонија е најмладиот наш фудбалер кој стигнал до 50-ти настап во државниот дрес. Ако не беше ковидот секако дека оваа бројка на настапи на само 23 години ќе беше уште поголема.
На досегашните 49 меча за Македонија, Елмас успеал да постигне 11 голови од кои најубав беше оној во петокот против Украина за 2:0. Каква ли само магија беше тоа, гол по кој ги фрли во транс сите фанови на македонската фудбалска репрезентација.
Инаку Елмас своето деби за Македонија го имаше на 11 јуни 2017 година, кога имаше само 17 години и девет месеци. Своето деби го имаше против Шпанија, во меч од квалификациите за СП во Русија 2018. Македонија загуби со 1:2, но го доби својот фудбалски феномен, својот Дијамант.
Убаво се сеќаваме кога место Остоја Стјепановиќ во таа 46.минута влезе во игра едно младо, младо момче, тинејџер кој веднаш посака да си поигрува со едни Иниеста, Бускетс, Рамос, Давид Силва и останатите мега – ѕвезди на шпанската репрезентација.
Како вчера да беше.
Тогаш Елмас беше само супер талент, само тинејџер кој ветува, а сега е фудбалски ЅВЕР.