Зад женската селекција на Македонија „Под 18“ години е првиот дел од подготовките за настап на Европскиот шампионат кој од 30. јуни стартува во Софија.
А пред избраниот тим на селекторот Јелена Антиќ, на ред се и оние први проверки на сработеното во изминатиот период.
Ќе бидат реализирани во текот на наредните два дена, и тоа во Солун, каде нашата женска јуниорска селекција ќе одигра и две пријателски средби против соодветната селекција на Грција.
Добра можност за Антиќ и стручниот тим, да видат до каде со моменталните можности на оваа селекција.
„Патуваме за Солун доста хендикепирани. Односно на овие две први проверки нема да можеме да сметаме на некои важни играчи како што несомнено се Марија Николов и Михаела Алексовска. Во екипата ќе ја немаме ниту Николиќ. На овие две средби во Солун ќе пробаме да го дадеме нашиот максимум со оние играчи кои ги имаме на располагање, со надеж дека ќе бидеме во комплетен состав кога тоа ќе биде многу поважно, на Европското првенство во Софија“, изјави Антиќ.
Дуелите на овие две селекции се предвидени за 20 јуни (од 16 часот), и за 21. јуни, (од 20 часот), а ќе се играат во Солун.