Спортмедиа во Манчестер, Игор Д. Ивановски
Во пресрет на вечерашниот дуел на “Олд Трафорд“ меѓу Англија и Македонија, убаво ќе биде малку да се навратиме во минатото.
Уф, зарем некој не знае што се случи на 16 октомври 2002 година во Саутемптон на “Сент Мери“.
Се играше 10.минута и корнер за Македонија. На голот славниот Дејвид Симан, а корнерот го изведува Артим Шаќири.
И како го изведе? Мајсторски, фантастично, мангупски…шутираше директно во гол и таа топка влезе во мрежата на Симан. Македонија “полуде“ од радост, Артим во елемент, Свен Горан Ериксен, селекторот на домашните просто “смрзна“ на клупата.
Минаа речиси 21 година од тој меч, од тој гол, а Артим Шаќири за “Спортмедиа“ евоцира спомени:
„Да, шутирав директно во гол. Не сакам да бидам лажно скромен и да кажав ова, па она. Јас уште кога ја местев топката кај корнер-знаменцето одлучив да шутирам директно во голот. И ете, се погоди да го совладам Симан. Како што одминува времето интересно тие слики од Саутемптон ми се посвежи. Тој момент, тој гол влезе во историјата. Горд сум на тој гол, на таа тишина на трибините на стадионот, а на нашата еуфорија“ вели нашата фудбалска легенда. По тој гол Артим стана наш национален херој, се славеше неговото име на плоштадот во Скопје долго во ноќта по тој гол.
Да кажеме дека тој меч заврши со резултат 2:2. Избраниците на тогашниот селектор Никола Илиевски – Џиџи одиграа херојски меч.
Тоа беше прво гостување на Македонија во Англија. За второто требаше да минат четири години, кога на 7 октомври 2006 година, Македонија на “Олд Трафорд“ одигра 0:0.
Значи два меча, две ремија. Вечерва го играме третиот, и повторно на “Олд Трафорд“.
“Тешко ќе биде, тоа е Англија. Сепак, традицијата вели дека Македонија не губи на Островот, па така нека биде и вечерва. Ако одиграме како што одиграме против Украина во првото полувреме, се е можно. Уф, како ќе одекне во светот уште еден добар резултат на нашата репрезентација на гости во Англија. Им давам поддршка и им посакувам многу среќа на нашите момци“ порача Артим Шаќири кој дел од својата фудбалска кариера ја мина и во дресот на англискиот тим ВБА.