Денеска во Нион, за својот деби настап во квалификациите во Лигата на Шампионите, инаку втор европски по оној од пред две години во ЛК, Струга ТЛ за ривал го доби Жалгирис Виљнус од Литванија.
Несомнено квалитетен состав кој во последните три сезони ја освојувал титулата во својата земја. Лани играше и во групната фаза во Лигата на Конференции.
На прв поглед, со оглед искуството и традицијата, Литванците се фаворити.
За тоа какви се шансите на нашиот првак против овој тим, свој коментар има Бесмир Бојку, еден од најдобрите фудбалери на Струга ТЛ.
„Да, тежок ривал, крајно незгоден, воедно и квалитетен е составот на Жалгирис. Сепак можеше да биде и уште потешко, ако се знае кои екипи беа во нашата група во пресрет на ждрепката. Точно е дека Струга ТЛ доби тежок ривал, но мислам дека шансите се 50-50. Ние немаме намера предвреме да се предадеме. Важно е да извлечеме добар резултат во Литванија на првиот меч, а потоа во реваншот во Охрид, пред нашите фанови се е можно. Јас сум оптимист“ изјави за “Спортмедиа“ фудбалерот на стружани.