Спортмедиа во Манчестер, Игор Д. Ивановски
Срамното издание и историскиот пораз од 7:0 вчеравечер од Англија ја згрозија комплетната јавност во Македонија, која разочарана и понижена удри со сите сили по фудбалерите, селекторот, ФФМ… Очекувано и оправдано со оглед на тоа дека оние кои пред извесно време не радуваа, полнеа стадиони и плоштади низ нашата држава сега ни приредија срам кој долго ќе се памети.
Заслужени се сите критики и сите напади, но не и навредите затоа што тоа се истите со исклучок на двајца-тројца фудбалери, пред извесно време ја направија и најголемата сензација со елиминацијата на Италија. Лесно е да се гази некој кој е на дното, а таму несомнено сега се нашите фудбалски репрезенативци и стручниот штаб. Лесно е да се прегазат и уништат, но што потоа, каде утре и со кого напред, како да се спасиме од овој бродолом што ни се случи?
Денеска е вторник, ден по дебаклот – болката е иста, разочарувањето е на сите страни! Народот на Македонија е разочаран и поразен исто како и фудбалерите вчера на теренот во Манчестер. Народот кој знае да се радува на спортските успеси, да се радува на борбата, па и да не се победи. Народот кој осеќа кога се игра со срце, кога се бори некој за боите свои – но осеќа и кога бродот тоне, кога кариките не се на свое место, кога ништо не е како треба.
Лавината тргна од ној тежок и болен пораз од Украина, а чашата се прели на дуелот со Англија и тоа газење што ни го направија „трите лава“ кои не застанаа, кои не збришаа и кои ни вратија за двата нивни „кикса“ со нас дома во минатото. „Трите лава“ кои беа на теренот се 11 ѕверови што не простуваат, ѕверови кои не фатија и не распарчија на 7 делови.
Милевски најави борба, „кукавиците“ само бегаат!
Оставка на Благоја Милевски! Тоа се очекуваше по дуелот со оглед на тоа дека она што се случи на „Олд Трафорд“ беше историски срам за Македонија. Тоа не се случи, Милевски најави борба и заклучи дека нема да биде кукавица и нема да замине на првата посериозна препрека која му се случува откако е на клупата на Македонија. Тоа е ставот на селекторот, иако право на одлука и став имаат и челниците на ФФМ.
Теоретски ние се уште имаме шанси во овој квалификациски циклус до кога важи договорот со селекторот (ноември 2023), иако практично за нас овие квалификации се загубени со оглед на тоа дека Англија и Италија се далеку пред другите а ние ја загубивме дома битката со Украина за третото место. Така да и борбата на Милевски до крајот на циклусот нема да смени нешто многу затоа што играчите се тие а атмосферата веќе е нарушена. Некои фудбалери одамна се во тимот од некоја стара слава, минато време, иако во вој спорт важи правилото сега и веднаш, а минатото не игра на теренот.
Трансфери во Арабија, Кина па и Турција…!
Дарко Велковски во Арабија, таму замина и Алекс Трајковски – претходно и Џани Алиоски, а во денешно време и Роналдо, Бензема… Арапските трансфери носат пари но не и квалитет. И Адеми замина за Кина и е далку од перфекцијата која ја имавме кога тој беше во врвна форма. Алиоски и Барди сега со во Турција, но немаат минутажа, а без игри на терениот тешко се игра против една Украина, а за Англија и да не зборуваме. Одбраната одамна е таа и нефунционална која прими 10 гола за три полувремиња. Статистички сме многу слаби, крилата ги нема, нападот со Нестор за нијанса е подобар, но средниот ред на моменти загубени.
Тој балон кој се дуваше изминативе месеци, кога играчите не играа, немаа минутажа и немаа ефект по клубовите „експлодираше“ синоќа на „Олд Трафорд“. Влеговме во устата на „лавот“ кој не изеде како мали деца и ни нанесе фудбалски дебакл кој вечно ќе го паметите.
И лекција за во иднина: На терен мора да играат тие кои во моментот се најдобри и во најдобра форма. Минат труд може да има кај еден до двајца, но не и кај 5-6 првотимци. Мора експресно да се реагира и да се бара спас затоа што веќе во септември може да биде доцна. Може експресно од репрезентација за респект да се вратиме во групата на репрезентации од дното.