Селекторот на Белгија, Доменико Тедеско на вечерашната прес-конференција изјави дека е шокиран од однесувањето на првиот голман на репрезентацијата.
“Во март донесов одлука да го назначам Кевин Де Брујн за капитен. Тогаш не ги избрав вториот и третиот капитен. Во саботата одлучивме Лукаку да биде капитен на натпреварот со Австрија, а Куртоа за натпреварот против Естонија. Куртоа се почувствува навреден. Изненаден сам и шокиран од своите постапки. Не очекував вакво нешто“, изјави Тедеско.
31-годишниот Куртоа на голот на белгиската репрезентација е од 2011 година. За репрезентацијата одигра вкупно 102 натпревари и прими 79 голови.
Голманот на Реал Мадрид сега се огласи откако прочита што кажа селекторот на Белгија на прес-конференцијата.
„Попладнево бев изненаден кога ја слушнав прес-конференцијата на која селекторот даде делумно и субјективно мислење за приватниот разговор што го водевме по мечот со Австрија“, објави Куртоа, а потоа продолжи:
„Сакам да објаснам дека не е прв или последен пат кога разговарам со тренерот за проблеми поврзани со соблекувалната, но првпат некој решил да го каже тоа јавно. Многу сум разочаран од ова , но сакам да појаснам дека констатацијата на тренерот не е точна.
Во тој разговор го замолив, не за своја корист, да објасни и да донесе одлуки за да избегнеме ситуации кои ни наштетиле во минатото, секогаш барајќи ја општата корист. За жал не ја постигнав целта. Не сум побарал ништо од него и разговарав со колегата Ромелу Лукаку да ги разјасни сите околности околу оваа ситуација. Во исто време сакам да потенцирам дека не сум разговарал на слична тема со ниту еден соиграч, како што е наведено“.