Атлетичарите завршија на 11. место на тимското Европско првенство во Полска

72

Македонската атлетска експедиција денеска ги заврши настапите на Европското тимско првенство кое се одржува во Полска. Во последниот ден од натпреварите во Третата дивизија каде настапува и нашата атлетска репрезентацијата, Дарио Ивановски и Андријана Поп Арсова остварија забележителни резултати.

Нашиот најдобар атлетичар на долги патеки, Ивановски настапи на трката на 5000 метри и на крајот го освои 5. место со најдобар резултат сезонава за него – 14:27.66 минути. Одлично постигнување имаше и Поп Арсова, која се појави на женската трка на 1500 метри освојувајќи го 9. место со нов личен рекорд – 4:48.95 минути.

Во фрлање копје, Матеја Ефреновска со нов личен рекорд 26.29 метри го одвои 10. место. Во скок во височина Огнен Стефановски прескокна 1.70 метри доволно за 4. место во својата група. Ана Божиновска истрча личен рекорд 26.03 на 200 метри доволно за 4. место во групата, а на истата патека во машка конкуренција Јован Стојовски истрча најдобро сезонско време 21.66 доволно за 8. место.

Марјан Нојковски беше 11. во фрлање ѓуле (13.31 м.), додека Камелија Кајчевски прескокна 4.97 метри во скок во далечина доволно за 10. место. Во фрлање копје Стефан Стефановски префрли 34.04 метри за 12. место, додека Михаела Лазаровска со прескокнати 1.60 метри заврши последна во својата група.

Последни настапија нашите натпреварувачи во мешаната штафета 4х400 метри, каде го освоивме 4. место во групата со најдобар резултат сезонава за нас – 3:40.64 минути.

Севкупно, Македонија заврши на 11. место во тимското рангирање со 235 освоени бодови.

ПретходноЈошко Гвардиол успешно опериран
СледноБраво девојки: Македонија го совлада и Исланд, Лина го донесе победничкиот поен!