Светската кошаркарска федерација ги утврди и последните детали поврзани со претстојните претквалификациски турнири кои водат кон учество на Олимпијадата во Париз во 2024 година.
Македонија ќе игра на оној во Талин, а првиот меч на турнирот Македонија ќе го одигра на 12 август против селекцијата на Израел. Таа средба во „Тондираба Ајс“ Арената е закажана за 19 часот.
Еден ден подоцна, на 13 август, во исто време, од 19 часот, нашите најдобри кошаркари ќе играат против селекцијата-домаќин, Естонија. По еден ден пауза, на 15 август, од 16 часот, следува и дуелот против репрезентацијата на Чешка, по што ќе го имаме конечниот изглед на табелата во оваа „А“ група од претквалификациите.
Првопласираните две репрезентации од собирот во Талин, ќе продолжат во Гљивице, Полска, каде ќе се одигра завршниот дел од овие евро-претквалификации за Олимписките игри. Победникот на овие квалификации ќе биде и учесник на Олимпијадата во Париз.