Организаторите на третиот годинешен Грен Слем турнир, Вимблдон, воведоа ново, трето правило за тенисерите од Русија. Како што јави британскиот јавен сервис Би-Би-Си, учество на Вимблдон ќе им биде овозможено само на оние тенисери од Руската Федерација кои ќе ги раскинат спонзорските договори со компании кои се под меѓународни санкции поради војната во Украина.
Руската агенција „РИА Новости“ посочува дека новиот услов е наведен во декларација која е донесена под притисок на британската влада, а таа декларација бара од спортистите да достават доказ дека навистина го раскинале спорниот спонзорски договор.
Вероника Кудерметова сигурно ќе има проблем да се појави на Вимблдон, затоа што има договор со Тафтнефт, една од компаниите која беше предмет на меѓународни санкции по почетокот на војната. Оваа нова одлука го прави Вимблдон повторно скандалозен, како и оној од минатата година. Претходно, организаторите на Вимблдон им дозволија на тенисерите од Русија и Белорусија да учествуваат на Грен Слем турнирот како „неутрални спортисти“, под одредени услови. На почетокот беше забрането тенисерите да изразуваат поддршка за специјалната воена операција, а сега прес-службата на турнирот посочува дека учеството на оние кои добиваат средства од руската и белоруската држава, како и од компании контролирани од државните органи на Руската Федерација и Белорусија, е забрането.